ОВА Е ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ЖЕНСКИ БЕНД: „РОЈАЛ АЛБЕРТ ХОЛ“

Ако Србија и Југославија во 80-тите години го имаа фантастичниот женски бенд „Боје“, кој донесе нов бран во југословенската алтернативна музичка сцена, Македонија го имаше „Ројал Алберт хол“. Првиот музички состав во кој членуваа исклучиво девојки и кои полнокрвно, енергично, со голема доза на сигурност и се разбира, креативност, застанаа рамо до рамо со тогаш, барем кај нас се’ уште доминантната машка музичка рокенрол сцена – „Архангел“, „Мизар“, „Александар Македонски“, „Талични Том“, „Ласт експедишн“, „Клержо“…

„Ројал Алберт хол“ направија неколку демоснимки, имаа мошне значајни настапи во земјава, се претставија во неколку наврати и како предгрупа на култни бендови, но излегоа и надвор од нашите граници, оставајќи впечаток и на други значајни концертни сцени.

Неодамна на платото на Младинскиот културен центар на концерт на женски музички состави, еден дел беше посветен токму на првиот македонски женски бенд. Поранешните членки на групата велат дека постои можност тие наскоро повторно да се соберат и да настапат. Позитивните реакции од јавноста при споменувањето на првиот македонски бенд им годат, понудата повторно да свират неодоливо ги скокотка, но велат, критериумите им се високи и ако некогаш се решат повторно да се качат на сцената, тоа ќе биде со „сите нишани“. Категорични се дека нема да се „шлепаат“ на стара слава и да звучат анахроно.
Приказната на „РАХ“ почнува во Домот на млади

Приказната на „Ројал Алберт кол“ почнува во Домот на млади – „25 Мај“, денешен МКЦ, кој особено во 80-тите години во Скопје ќе биде најголемото културно збиралиште. Таму, во 1988, ќе се соединат и креативните идеи најпрвин на Весна Терзиевска (клавијатури), Татјана Радониќ (гитара) и Зорица Јаковлевска (бас), тогаш членки на Мандолинскиот оркестар при Домот на млади, а потоа ќе им се придружат и Мелита Стефановска (вокал) и Анжелика Апсис (тапани). Во овој состав, групата првпат ќе настапи на седмиот „Рок- фест“ истата година, најпрвин на аудиција, потоа и во полуфинале, и на крајот на 15 декември и во финале. Настапите на „РАХ“ се множат, а на групата, во различни периоди, им се приклучуваат и Мелита Илиевска на клавијатури, Јасмина Миловановска, Бранка Костиќ, Александра Добрин и Билјана Трајкова како вокали, Марина Мичиќ на гитара, Емил Мијалковиќ и Тања Илиевска на бас, Тања Коцарева на тапани. Ќе настапат во тогашниот „Арт клуб“ во Домот на градежните и во рамките на училиштето „Орце Николов“ (’88), во Домот на млади во рамките на ЈУРМ (Југословенски рок-момент) и во тамошното кино, на концерт на „Млад борец“ и во „Никола Карев“, на рок-хепенинг на Градскиот стадион заедно со култните ЈУ бендови „Екатерина Велика“, „Филм“, „Електрични оргазам“ (’89), потоа на осмиот „Рок фест“, но и како предгрупа на концертот на „Архангел“ во МКЦ, или нивниот најголем настап на 25 мај на „Омладина“ во Суботица (’90), за во 1993 година, на 24 декември да бидат предгрупа на славните „Боје“ во МКЦ.

„Долетај“, „Јес, Јес“, „Коњу мој“, „Небо“, „Ти си сам“, се дел од познатите теми на „РАХ“, кои постојат како аудио и како демоснимки.

Очекувана била појавата на „РАХ“, со оглед на тоа што сите негови членки своето „улично“ воспитување го стекнувале во Домот на млади „25 Мај“. Се сретнавме со: Тања Радониќ, Бранка Костиќ, Весна Терзиевска и Зорица Јаковлевска, кои зборуваа за почетоците, за влијанијата, за културната сцена во Скопје во 80-тите и 90-тите.

Тања Радониќ вели дека не пропуштале ниту еден концерт во Скопје, дури за тоа ги одложувале патувањата со Мандолинскиот оркестар каде што свиреле. А, Бранка Костиќ, која подоцна ќе му се приклучи на бендот како вокал, а која доаѓа од истата средина, но како членка на хорот при тогашен Дом на млади, додава: „Да, имавме и привилегии зашто сите во Домот не познаваа и не пуштаа без карта. Ние од најрана возраст, па се’ до факултет членувавме во тамошните ансамбли, па практично ’висевме‘ во ’25 Мај‘.“ Тања вели дека идејата да формираат бенд произлегла веројатно од нивното претходно учество во оркестрите на Домот на млади. „Весна прва почна да свири на едно мало синтисајзерче, мене ми купија една никаква бугарска акустична гитара со огромен врат… Така почнавме да правиме песни. Прва ја направивме ’Јес, јес‘, што е и денес прва асоцијација кога ќе се спомене ’РАХ‘“, се сеќава Тања.
Средбата со Картер од „Александар Македонски“

Тања вели дека сите девојки биле дел од скопската шема. „Излегувавме во ’Лондон‘ на Владимир Петровски – Картер од бендот ’Александар Македонски‘. Нему први му кажавме дека имаме рок-група. Не ни помислувавме групата да биде женска, машка или мешана. Тоа не ни беше битно, дури и не бевме свесни дека подоцна ќе влеземе во македонската историја како прва женска група. Дека ’РАХ‘ е женска група се дозна дури откако се качивме на сцената на МКЦ. Инаку, Картер со неговиот бенд имаше проби во едни ’катакомби‘ кај Тутунскиот комбинат во близина на нашето училиште ’11 Октомври‘. И така, едно попладне, тој ни рече да дојдеме да не слушне какви песни сме направиле. Ние до тој момент ја имавме само структурата на ’Јес, јес‘, а имавме и наша рок-преработка на познатата ’Лили Марлен‘. Но, немавме тапанарка и пејачка, а Картер рече дека може да ни најде. Така дојде Мелита Стефановска која пееше придружен вокал во ’Александар Македонски‘, а потоа ни ја најде и Анжелика Апсис – Анѓа за тапанарка. Тоа беше првпат да се вклучиме во засилувачи и да ги имаме сите инструменти. ’Лили Марлен‘ веднаш отпадна, зашто Картер беше скептик, не знаеше како ќе помине во тоа време кај јавноста, велеше дека може да ни ја забранат. Тој ни рече да си направиме уште една нова песна и да се пријавиме на ’Рок-фест‘. Така на брзина ја создадовме ’Коњу мој‘“, вели Тања.

„Откако имавме само две проби, Тања и Зорица веднаш почнаа да им вршат притисок на родителите за да им купат електрични инструменти“, додава Весна. Така ќе почнат и вистинските проби на „РАХ“, кои ќе се одвиваат во просториите кај „Тутунски комбинат“, каде Картер ќе вежба со неговиот бенд. „Потоа, се сеќавам, одевме на едно место во Кисела Вода кое наликуваше на катакомба, немаше врати и ползевме низ некои тунели за да дојдеме до главната просторија. Но, ништо не не спречуваше во намерата да свириме и ништо не ни ја намали желбата да имаме бенд“, вели Весна.

„Картер уште на самиот почеток имаше визија за нас“, додава Зорица. „Потоа новинарот Љупчо Јолевски директно влијаеше, покрај првонаградената на ’Рок фест ’89‘ – групата ’Клеопатра‘, и ние да се претставиме на југословенскиот фестивал во Суботица.“ „Ќе го споменам и Ристо Вртев, кој ни доаѓаше на проби, не снимаше на ’таскамот‘ и сакаше да не слушне пред концертот на ’Архангел‘, на кој требаше да бидеме предгрупа“, вели Тања. „Па Крива, тогашниот тапанар на ’Архангел‘ кој буквално ми покажа како се држат палките и од сајзеристка станав тапанарка. Сите ни даваа голема поддршка зашто веројатно бевме единствена таква појава на сцената“, вели Весна.
Реакциите на публиката – Свират жените!

„На првиот настап ги поканивме родителите за да видат во што инвестирале и каква музика им свират децата“, се сеќава Весна. „Тие навикнати на нашите концерти со Мандолинскиот оркестар, каде се свиреше ’културна‘ класична музика, се дотерале како за на филхармониски концерт. Кога влегле во дансинг-салата виделе каква музика свириме и каква еуфорија настана заради нашата појава на сцената (сите кои биле на пауза за цигара во холот додека настапувале претходните бендови, како стампедо се стрчале внатре кога ги слушнале довикувањата: Свират жените!). Потоа се направи и ’шутка‘ пред сцената и панкерите почнаа да скокаат и да се удираат меѓу себе. Можам да замислам колку страшно тоа му изгледало на татко ми кој кога се вратив дома ми ги грабна палките и ми ги фрли во двор… Но, лутината кратко траеше.“

Весна додава дека тие биле миленички и на публиката, но и на критиката и на колегите од останатите бендови. „И тоа не беше од милосрдие што сме женски, туку од респект. Бевме рамо до рамо до сите актуелни музичари.“

Идолите на „РАХ“

Сите членки од „РАХ“ имале различни идоли кои индиректно го креирале нивниот имиџ. Весна вели дека сите се облекувале во црно, во долги кошули, со „докмартинки“ на нозете… „Бевме даркерки. Се сеќавам дека бевме смели и на моменти револуционерни.“

„Не се сеќавам дека некого посебно сме имале за идол во однесувањето или при создавањето на нашата музика. А, ги слушавме ’Баухаус‘, ’Џој Дивижн‘, ’Рамонс‘, ’Секс Пистолс‘, ’Калт‘, ’Смитс‘, ’Систерс оф Мерси‘, ’Стренглерс‘, но и ’Кјур‘. Потоа од југословенските ’Електрични оргазам‘, ’Дисциплина кичме‘, ’Психомодо Поп‘…“, додава Тања. „’Екатерина Велика‘ ни беа најважни, а Маги ја обожавав‘, вели Весна. „Јас слушав пред се’ словенечка музика – ’Лачни Франц‘, ’Видеосекс‘, ’Лајбах‘, но и ’Хаустор‘“, вели Зорица. „Јас малку се разликував од нив“, се надоврзува Бранка. „Во тоа време кога ме повикаа да пеам бев ’неоромантична‘ и по звук и по изглед. Во тој богат период за музиката, не знаеше човек што попрво да слуша. Беше вистинско изобилие од бендови и изрази“, се сеќава Бранка која ќе настапи како вокал на осмиот „Рок-фест“ во МКЦ и на концертот на „Архангел“.

rojal-albert-hol

Денес членките на „РАХ“ имаат 42 години, имаат свои семејства и се вонредно успешни во своите области извршувајќи сериозни раководни функции. Но, како што и самите велат на крајот од нашиот разговор, најважно е што сите го задржале тој тинејџерски дух од времето на почетоците на групата.

Тина Иванова

текстот е превземен од тука.

Категории
Текнувало

ПОВРЗАНО