Вампири во македонските верувања и традиции

Како деца сме слушале многу народни приказни раскажани од нашите баби, дедовци или родители. Многу од овие приказни зборуваат за самовили, чудни суштества и вампири.
Во народната демонологија на Македонија можат да се пронајдат многу приказни за вампири, од начин на заштита од истите до начин да се стане вампир.

Верувањата во вампири денес се искоренети. Пред неколку години старите жители на селата ни објаснуваа дека вампирите, како и другите демони, ги снема од селата кога истите добиле струја. Можеби денес звучи смешно тоа, но земете во предвид дека пред многу години луѓето немале пристап до информации како денес, а темнината најчесто била еквивалент за страв, параноја, хистерија. Според тоа, логично е да се верува дека ги снема сите “демонски“ суштества со текот на годините.

1

Порано луѓето верувале дека вампирите можат да се појават во две форми: како духови и како трупови. Поради голем број на приказни за вампири жителите на селата ги измислиле своите превентивни мерки и начини на заштита. Некои од овие верувања и суеверија постојат и денес, особено при погребни обреди, каде што е вообичаено да се варди мртвото тело.
Во минатото луѓето ги варделе телата на починатите за да ги спречат да станат вампири.
Исто така било опасно некое животно, особено мачка, да скокне преку телото, бидејќи тоа можело да биде духот на починатиот.

2

Една од веројатно најстрашните и најмрачните работи што ги правеле луѓето во обид да го заштитат покојникот од станување на вампир било прободување со игла. Доколку покојникот имај оток на одредено место на телото, тоа значело дека ќе стане вампир.

Втората варијанта на оваа практика било прободување на градите со игла или сечење на градите со нож, за душата да не може да го следи демонот, а покојникот да не стане вампир.

Луѓето верувале дека ако се истури вода врз гробот на починатиот (четириесет дена по ред), гробот ќе биде блокиран и покојникот нема да може да го напушти местото, бидејќи вампирите не можат да преминат преку вода.
Понекогаш ковчезите ги полнеле со тешки камења, за мртвите да не можат да излезат и да станат вампири.

Едни од првите записи за вампири му припаѓаат на познатиот македонски собирач на усното творештво Марко Цепенков, а повеќето од нив ce однесуваат на верувањата во Прилеп и Крушево.
Според народното верување душата може привремено да го напушти телото, во тој момент постои опасност во телото да ce вселат лошите духови.

3

Постојат повеќе различни називи за вампири: во Гевгелиско се нарекуваат вампирин, во Охрид вопер, гробник, во Преспа вопир…

Верувате ли во вампири? Доколку знаете повеќе приказни за вампири во Македонија, слободно споделете ги со нас.

Категории
Шуш - Буш

ПОВРЗАНО