Интервју со Миле Кекин од Хладно пиво

Најголемиот хрватски претставник на панк рок естетиката, бендот ХЛАДНО ПИВО, предводен од Миле Кекин, ќе настапи во Скопје во рамки на нивната голема турнеја со новиот албум „Dani zatvorenih vrata“! Познати како мајстори на концертите во живо, со секогаш исполнети и енергични настапи, нема сомнеж дека Хладно пиво на овој концерт во МКЦ ќе приредат вистинско панк рок ужување.

Ние си направивме кратко интервју со Миле Кекин.
1. Поздрав Миле, како е?
Благодарам за прашањето. Добро е. Се држам. Работам умерено, јадам здраво, пијам колку треба, значи, се ок.
2. Што можеме да очекуваме од концертот во Скопје, и што вие очекувате од скопската публика?
Да дојдат со помали очекувања. Најлошо е кога ќе дојдеш со големи очекувања. Нема да се соблакам, нема да скокам на глава, нема многу да зборувам. Од скопската публика очекувам максимална мотивираност и работна дисциплина.

_DSC9525

3. Што најмногу ве инспирира да создавате музика и текстови?
Луѓе, книги, филмови, туѓа музика. Се обидувам да се најдам инспирација во деталите, не само во големите теми. Често се обидувам на темите да им пријдам на Сајнфелдовски начин, со хуман хумор, а не голема патетика.
4. Кој дел ви е омилен во создавањето на музиката?
Најубав е првиот чекор, кога песната се појавува во мојата глава, во мојата работна соба, кога никој друг ја нема чуено, кога е само моја и божија. Тогаш јас се чувствувам многу привилегирано, посебно. Замислете фантастична песна која никој друг на планетава ја нема чуено. Предобро чувство.
5. Што мислите за алтернативната сцена на Балканот, дали е подобра или полоша, како и на кој начин, според вас, е изменета од 90-тите години?
Ми се допаѓа Репетитор, Морт од Хрватска, но искрено кажано, не ги пратам интензивно настаните. Ако е добро тогаш ќе се пронајде на некој фестивал и ќе го чујам. Не го споредувам ова време со претходното, бидејќи не сакам да звучам како некој старец кој ги фали минатите времиња.

_DSC9472

6. Поделете со нас некоја анегдота од турнеја.
Ако сте заинтересирани за анегдоти има биографија на А. Драгаш, Обука за умирање. Таму ќе најдете се, од брќање од сцена со пушки, до сообраќајни несреќи, од кои едвај излеговме живи. Мислам дека таму има материјал за добар американски филм.
7. Дали имате заеднички ритуал, рутина, како бенд, што го правите пред да излезете на сцена?
Прво се натопуваме во крвта на непријателот, потоа секој прави дваесет склекови. Дури тогаш сме подготвени за сцена.

IMG_6288_d

8. Со кој бенд најмногу би сакале да соработувате во создавањето на музиката?
Со E-street бенд, но да го исфрлат оној неталентиран пејач. А можеби и со System of a Down, со Џек Вајт.
9. Да не бевте музичар ќе бевте?
Спортски коментатор. Таму може да се зборува за сешто, и не е важно ако не знаеш. Покрај тоа, можеш да патуваш на Олимписки игри и да гледаш згодни спортистки. Звучи рајски.

_DSC9965

10. Кои ви се идните планови?
Многу свирки со Хладно пиво и еден сингл, кој ќе го најави мојот втор соло албум.
11. Порака до читателите на Бла Бла телевизија?
Чувајте ги вашите заби и смислата за хумор. Животот е трагедија за оние кои чувствуваат, а комедија за оние кои размислуваат.
Да се потсетиме, Хладно пиво ќе настапат во Скопје, во МКЦ на 24.02.2017. Билетите се во продажба преку МКтикетс: во претпродажба – 400 денари, на денот на концертот – 500 денари.

_DSC9932

Категории
ВЈУинтерВЈУ

ПОВРЗАНО