Конкверинг Лајон – БлаБла интерВЈУ

Кој се КЛ?

Конкверинг Лајон е даб/реге/кросовер бенд кој моментално се состои од 7 члена кои фиксно и редовно работат и плус две девојчиња кои ни гостуваат и воедно ни помагаат како пратечки вокали на поголеми настапи, претежно на фестивали и други поголеми манифестации. Нема да ги набројувам и именувам сите членови бидејќи не има многу, а и многу членови се променија, читателите може да ја посетат официјалната интернет страница и да ги прегледаат сите членови детално таму.

Почетоците на бендот

Своето творештво го започнавме на 5ти Април 2007ма, кога како скејт дружина се одлучивме да направиме бенд кој што ќе биде поразличен од дотогашната сцена во Македонија, односно да претставува спој од неколку различни жанрови на музика но, сепак со цврста порака што не засега сите нас. Така се распоредивме кој на каков инструмент ќе свири и почнавме со вежбање буквално од нула. Бидејќи  дел од нас слушаа метал, дел панк, дел реге и дел рок, се одлучивме да направиме спој на сите тие жанрови во еден уникатен стил кој ќе не претставува сите нас одеднаш. Прво започнавме со вежбање на кавер песни од сите овие жанрови, па потоа полека полека почнавме да твориме и настанаа првите две песни Holy Zion и Free The World, порака беше јасна и нè исполнуваше, така продолживме и го создадовме првиот албум насловен “I”.

Албуми и изданија

  • Албум “I” – 2009 издаден за PMG Recordings
  • Албум “Know Your Wisdom” – 2011 издаден за PMG Recordings
  • Албум “Revelation” – 2013 издаден за Password Production (Ex Lithium)
  • Сингл “Bitter Sweet Syphony” – 2014 издаден независно како трибјут на The Verve

Каде сè сте настапувале?

Во изминативе 8 години имаме настапувано низ цел балкан и тоа неколку успешни турнеи низ него, потоа една голема турнеја низ Европа измината година која ги опфати државите: Германија, Холандија, Чешка, Словачка, Полска и Словенија.

Има ли реге сцена во Македонија?

Сеуште немаме некоја реге сцена која е впечатлива, немаме ни некој голем реге фестивал на кој може да се промовираат други светски артисти од истиот жанр, но во луѓето почнува да се јавува голем интерес за регето и за пораката која ја носи. Така да во годините кои доаѓаат, Македонија би требало да изгради една голема реге сцена која ќе биде носител на регето на Балканот.

Гледате ли БлаБла тв?

Од време на време, некои емисии сме ги проследиле, а некои тотално сме ги промашиле.

 Која ви е најлудата журка?

Па имаме неколку луди журки во текот на нашето творештво, би ја издвоил свирката во Лазаревац, Србија, во локалот “Промаја” кое е најхардкор место во кое сме свиреле до сега. Воедно на истиот тој концерт се појавија многу луди екипи, многу забегани артисти и нормално газдата на локалот е врвот на тортата, односно јаготката, мислам дека ако ви го кажам името сè ќе ви стане јасно, Хермес се викаше газдата.

Дали сте запалиле џоинт на сцена и каде?

Нормално, a spliff a day keeps the doctor away, во Грција во Кавала и тоа не беше само еден, почнавме да се осеќаме како на Канабис Куп, целиот концерт одеше на live stream на интернет и телевизија и беше ептен луд фестивал. Ми текнува дека едната конга служеше само како масичка за спроведување на масрафот.

Идни проекти

Се спрема нов албум кој би требало да го снимиме и издадеме до крај на оваа година, исто така спремаме сингл и мини ЕП со скопскиот рап состав Green Out, потоа имаме план за соработка и со Едо Маајка, така да 2015 треба да биде доста продуктивна година за Лајон.

Порака за младите

Да не им веруваат ниту на црвените ниту на сините ниту пак на лагите кои се сервираат на телевизија. Во ова време на хаос слушајте ги вибрациите од вашето срце и манифестирајте ги и споделетe ги што повеќе со вашите браќа и сестри. Пораката за мир, љубов и единство без предрасуди започнува од самите нас.

Среќен 8-ми роденден, нека ви се множат, имате ли неостварена желба?

Ви благодариме на досегашната поддршка на вас и на сите добри људи.

Имаме неколку неотсварени желби, една од нив е да свириме концерт на Рототом Сансплеш најголемиот реге фестивал во Европа, а другата е да отсвириме соработка со некој од синовите на легендарниот Марли.

Една Љубов

Conquering_Lion_1_2013

Категории
интерВЈУ

ПОВРЗАНО