„СМАТ“- Нашата музика и текстови се огледало на ова општество

Групата „Смат“ в петок ќе одржи голем солистички концерт во МКЦ, кој е дел од програмата на фестивалот „Таксират“. Со овој концерт бендот ја прославува 20-годишнината од своето оформување така што во репертоарот ќе бидат вклучени песни од нивните три албуми: „Smut“, „Forever is not enough“ и „Мемоарите на скршениот човек“. Секако, нема да изостанат и некои комплетно нови композиции што би требало да се најдат на нивниот нов албум, кој се очекува да излезе во текот на наредната година. Членовите на бендот: пејачот Ѓорѓи Иловски-Џоле, басистот Дарко Најдовски, тапанарот Благоја Антовски, и гитаристите Горан Ристевски и Неврус Бајрам, ги поканија групите „Поинт бленк“ и младите „Кортекс“ да ја збогатат славеничката атмосфера.

Дали концертот ќе биде потсетување на изминатите две децении или публиката ќе може да слушне и некои нови песни?
– Многу беше тежок изборот кои песни да ги изведеме на овој роденден. Некои песни публиката ќе ги чуе за последен пат. Луѓето секогаш биле силата што нѐ туркала напред и во ниеден момент не сакаме да ги разочараме. Нема да дозволиме некој да си отиде незадоволен од концертот.

Поминаа 20 години од формирањето на групата. Како гледате денес на тоа, дали „Смат“ е само бенд или можеби е нешто повеќе?
– Па тоа е многу повеќе и претставува едно патување без одредена дестинација. Да беше само бенд не би верувал дека би свиреле. Со „Смат“ пораснаа многу генерации, а една од нив сме и ние. Луѓето што сме ги запознале во текот на тие 20 години, луѓето што доаѓале на нашите концерти и промоции го направија нашиот живот многу поубав. Тоа никогаш не сме го зеле здраво за готово и на секој можен начин пробуваме да ги вратиме таа љубов и таа почит.

И по две децении на домашната сцена и со три албуми зад себе сѐ уште ве вбројуваат во „младите“ андерграунд-бендови? Добивате ли доволна поддршка од медиумите или од државата, бидејќи пред сѐ „Смат“ е македонски производ?
– До пред извесно време ми пречеше тоа што бевме „младиот“ бенд. Но кога размислив, добро е кога воопшто те вбројуваат некаде. Не е толку лошо да те сметаат за вечно млад бидејќи тоа значи дека сѐ уште ги носиме духот и бунтовноста на младите. За поддршка да бидам искрен има неколкумина што се бројат на една рака. И нема потреба од жалење, бидејќи кој требало да нѐ поддржи веќе го направил тоа, а од државата најискрено не ни сакаме помош. Мислам дека тогаш би ја изгубиле острината. Сметам дека сѐ што ќе допре некоја институција ќе го упропасти и со самото влегување во некое министерство и пополнување на некаков формулар веќе те имаат на синџир.

Како гледате на денешната нова македонска алтернативна рок-сцена и има ли воопшто нови и надежни бендови?
– Ме радува тоа што постои македонската алтернативна сцена, но таа не треба само да постои туку и да остави нешто зад себе. Секако дека има надежни бендови, но што ќе направат понатаму зависи само од нив. Би сакал да им препорачам да бидат малку поактивни, да свират секаде и да не ја прават истата грешка како многу бендови пред нив – да се затворат во гаража и само да постојат. Нормално врвот во кариерата да не им биде да свират тезга во ноќен клуб, туку да прават своја музика. „Кортекс“ е групата од помладата генерација, која во моментов ми го сврте вниманието, и затоа ја поканивме в петок да свири со нас.

Вашите песни имаат храбра и дрска лирика. Колку текстовите на „Смат“ се вистинско и директно посочување на проблемите во ова општество и не се плашите ли да не бидете обележани од политичките структури?
– Текстовите на „Смат“ не се директно посочување, тие се огледало на ова општество. Понекогаш дури и се воздржуваме зашто може и ние да претераме, но секогаш сме биле и ќе бидеме искрени. Не гледам зошто би се плашеле. Ни се заканувале, имаме и лоши искуства на настапите, но верувајте нема ништо полошо од тоа кога ќе видам млади луѓе на кои им е срам од земјата во која живеат и зборуваат и пишуваат за неа со презир. Како да им објаснам дека љубовта никогаш не била поврзана со владеење и со страв, кога некој цело време работи да ме негира во тие убедувања. Зарем не мислите дека веќе сме обележани со сите можни етикети? Не заборавајте дека ние сме го виделе сечилото од двете страни, сепак, сите ги имаме опеано за овие 20 години.

Исто како и текстовите, така и музиката е доста агресивна и брутална со многу бучни тонови. Дали со тоа сакате да ја покажете вашата борбеност или е емотивен крик на една загубена генерација?
– Музиката е бучна затоа што тоа нѐ исполнува, сакаме таква музика. Вистина дека сме една загубена генерација, но би било убаво тоа да сме само ние и нашата генерација. Исто е и со сите генерации од 1991 година досега, чии вредности и слики за реалноста се искривени. Не сакам генерализации, но ние не ја користиме музиката да покажеме дека сме борбени. Едноставно таква музика сакаме, а текстовите ја покажуваат целосната слика на бендот. Без разлика каква музика слушаат луѓето, сите плачат и се смеат за исти нешта.

Во својата дведецениска кариера сте ја делеле сцената со големи имиња како „Бајохазард“, „Сик оф ит ол“, „Хејтбрид“ и многу други. Како гледаа тие на вас и дали добивте поддршка?
– Да добиеш признание од бендовите што биле дел од твоето музичко патување е голема чест, но уште поголема е кога ќе видиш дека тие не се таму случајно. И тие се луѓе и тие се обожаватели на музика и знаат да препознаат кога некој го работи тоа од срце, па макар бил и од Македонија.
Пред извесно време, се појави трибјут-албумот за „КУД идијоти“, на кој покрај големиот број групи од Балканот, се најдоа и „Смат“ и „Суперхикс“, како македонски претставници. Имаше многу позитивни реакции за вашата преработка на песната „Хочемо цензуру“. Кажете ми како дојде да се најдете на оваа компилација и што значи за вас сето ова, имајќи предвид дека се единствен метабенд што партиципира во овој албум?

– На оваа компилација се најдовме под директна препорака од Пеце од „Суперхикс“. Тој веруваше дека сме правилниот избор и дека добро ќе ја преработиме песната. Нашата цел беше да го има духот на „КУД идијоти“, но сепак да се почувствува и „Смат“. Јас лично се изненадив што им се допадна на многу луѓе нашата визија, не е лесно да те прифатат обожаватели на легендарен бенд, притоа малку да експериментираш со звукот. За нас ова има огромно значење посебно за мене, затоа што првиот концерт на кој сум присуствувал беше на „КУД идијоти“, а песната првпат ја чув во емисијата на Тошо Филиповски.

 

извор: http://novamakedonija.com.mk/

Не заборавајте дека утре, во склоп на ТаксиратСмат ќе слават 20 години постоење!

14494646_1157489960976300_6306756778831962668_n

Категории
интерВЈУ

ПОВРЗАНО