ВЈУ со АТЕИСТ РАП пред концертот утре

АТЕИСТ РАП [ВЈУ]: ВО ДРЖАВА КАКО НАШАТА (И КАКО ВАШАТА), ТВОРЕЧКА ИНСПИРАЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА ФАЛИ!

IMG_4304

Они се „културни момци, фини..“,несомнено еден од свиречки најгабаритните и бендовите со најголема километража на екс-ју панк сцената. Atheist Rap –потекнуваат од новосадската плодна панк почва, формирани во 1989 г. од Доктор Поп, Радуле, Печинко и Заре. Во сабота на 16 април свират во МКЦ Скопје.Духовита луцидност и проникливост која директно пука и сериозно задира во општествено-политичките аномалии од нејзиното опкружување. Чесна екипа, што за мене секогаш била на вистинската страна. Култен статус во регионот и пошироко, неповторливи во своите заебантски интелигентни текстови, локални приказни и ведар дух.

Недела дена се мислев дал да им пишам за да ми одговорат на пар прашања, и сенешто се пишманував затоа што во живот не сум правел интервју, а и српскиот ми е катастрофа. Ама јебига, јас и цело мое друштво толку многу го имаме слушано бендов што не можев да не им пишам.

grupna koncert u Quarteru

Пред неколку месеци излезе вашиот шести студиски албум Überlauf. Што значи Überlauf, која е инспирацијата за насловот на албумот?

АТЕИСТ РАП: Иберлауф (Überlauf) е врската што поврзува автоиндустриски теми од почетокот на работата на бендот и сегашниот миг во кој што дејствуваме како бенд. Како во ситуација кога едно Југо 55 е пред ремонт или за на отпад, па со исфрлање на иберлауфот малку му се продолжува векот со тоа што моторот се ослободува од отровни испарувања, а за нас ова е издувување со кое правиме сопствена ментална детоксикација и деконтаминација.

На прво слушање, звукот е пософистициран, но духот, ангажираната острина и заебантската луцидност се неизбежни. Се согласувате ли дека еден музичар, во својот живот не ги менува енергијата и духот, туку само формата? Важи ли тоа и за вас?

АТЕИСТ РАП: Музичарот или кој било друг творец како поединец или еден бенд како целина, со текот на годините и децениите еволуира и не е природно творештвото да изгледа исто во 20-тата и во 50-тата година од животот. Се трудиме да го зачуваме духот, а енергијата се менува. Некогаш, во младоста, доминираше кинетичката, а сега, кога се згоивме и станавме дебели, сè базираме на потенцијална енергија која дури на бина се претвора во кинетичка.

IMG_4276

Во 2009 година, се наместија коцките така што Ник Слотер од серијата „Тропски горештини“ беше специјален гостин на концертот по повод 20-годишнината од бендот. Како дојде до тоа?

АТЕИСТ РАП: Роб Стјуарт, канадскиот актер што ја толкуваше улогата на Ник Слотер во серијата „Тропски горештини“, сосема случајно, сурфајќи на Интернет, дознал дека серијата во која глумеше во 90-тите е исклучително популарна во Србија и дека постои нашата песна посветена на ликот на Ник Слотер. Ни пиша меил, ние му одговоривме, го поканивме на нашиот јубилеен концерт во Нови Сад на кој заедно со повеќе гости одбележувевме 20 години творештво. Тој со задоволство ја прифати поканата, допатува во Србија, што беше медиумска „бомба“, дојде на проба во нашето студио, а потоа на концертот настапи заедно со нас. Во текот на неговиот престој е снимен и документарниот канадско-српски филм „Ник Слотер за претседател“ (Slaughter Nick for President) кој подоцна беше наградуван на филмски фестивали и кој ви го препорачуваме да го најдете и погледнете. На концертот на кој гостуваше Роб, меѓу другите настапија и Суперхикс кои нормално знаеја кој е Ник Слотер затоа што серијата се прикажуваше и на вашите телевизии. Тоа беше „опасен“ концерт, повикавме и пријатели да ни го засилат јубилејот – настапија: КУД Идијоти, Суперхикс, Новембар, Gužva u 16-ercu, Lude krawe, ние и Слотер, навистина беше за паметење…

Истеравте бенд во вистинско невреме (“Izgurali ste bend u nevreme pravo”) – војни, бомбардирање, ембаргоа, кризи, лични проблеми, смртта на вашиот басист Заре. Што е она што ве одржа до ден денес позитивни и заедно, творечки расположени на ваков заебан Балкан?

АТЕИСТ РАП: Нè одржува вербата дека сè уште постојат луѓе што мислат и дејствуваат за работите да тргнат на подобро. Што се однесува на нас, најважното од почетокот до денес е бендот да биде екипа! Атмосферата на пробите, снимањата и на патувањата да биде пријатна. Имаме преживеано голем број сјајни и лоши мигови заедно, меѓу кои, се разбира загубата на Заре беше најболен. Имаше чести и чисти победи, малку нерешени натпревари и поретко порази. Секако дека бендот е значаен и неделив дел од нашите животи, а инспирацијата за творештво во држава каква што е нашата (а и вашата) не може да недостасува.

Во Скопје доаѓате кога Македонија ги преживува можеби едни од најлошите денови во својата понова општествена и политичка истоија. Во Србија беше можеби и полошто во текот на 90-тите и 2000-тите години? Како е денес? Како генерално гледате на општествениот живот 15 години по големите потреси во државата?

АТЕИСТ РАП: Кај нас не се променија премногу работи од 2000 година до денес. Се промени тоа што власта не ги убива своите политички противници. На власт и понатаму се префригани играчи, системот е добро уигран, сè функционира според нивните потреби, политичката, националната и верската индоктринација на сите нивоа почнувајќи уште од основните училишта, негативната селекција, легалната корупција, маргинализирањето на слободните интелектуалци и искоренувањето на професионалното новинарство се само дел од сето тоа. Поголемиот дел од планетата функционира на тој начин, тоа не го измислија овие нашиве лешинари, тоа е стар рецепт суштински опишан во средината на дваесетиот век со две реченици – „Кој ја контролира сегашноста, го контролира и минатото. Кој го контролира минатото, ја контролира и иднината.“ (Џорџ Орвел „1984“). Притоа не сметам дека политичарите се контролорите, тие се само алатки за контрола.

Дали еден од издувните вентили е алтернативната сцена? Сметате ли дека константната кризна состојба на Балканот е можеби и една од причините што се појавија толку добри и остри бендови?

АТЕИСТ РАП: Секако дека не треба да се радуваме на тоа што живееме во вакво општествено уредување и што тоа е причина зошто секој од нас може да ја пцуе државата во која живее. Каде и да се свртиш, системот те гази и понижува, во секој сегмент на општеството сè е наместено, валкано и корумпирано. Веројатно единствената добра страна е тоа што воопшто не недостасува инспирација и што бендовите што живеат и работат во такво опкружување мораат да бидат остри. Вонредната состојба овде е редовна веќе со децении и тешко дека кој било нормален може да се помири со тоа.

Во време кога сè се префрли на Интернет, вие снимате спотови и ги промовирате на Ем-ти-ви, што е сосема во ред. Нели сметате дека е време алтернативната сцена да се обиде да допре до пошироката публика, да промени нешто и да ги пречекори бариерите од типот комерцијализација и сл.?

АТЕИСТ РАП: Болен е фактот што мал број телевизии сакаат да ја емитуваат нашата и слична музика и воопшто онаа на алтернативни бендови од секакви стилови. Кога некој има добра волја да нè емитува и со тоа да помогне во промоцијата на нашето творештво, ние сме исклучително расположени за соработка. Едноставно имаме иста задача. Сцената ја сочинуваат изведувачите, публиката, организаторите/клубовите, медиумите. Сите заедно мораме да се држиме и да соработуваме за да опстанеме затоа што коалицијата на оние што работат на масовно затупување на народот е неверојатно широка. И сè е на нивна страна. Парите, „елитата“ и медиумите и сите други имаат остри и големи заби што ја гризат оваа сцена на која припаѓаме.

Има ли надеж за рок/панк сцената? Како е во Нови Сад, има ли млади бендови?

АТЕИСТ РАП: Секако дека панк-рок сцената постои – тешко може да изумре затоа што корените ѝ се жилави. Има голем број бендови во Нови Сад кои со својата свиречка умешност ветуваат и кои имаат свој став. Додека свират Against the odds“, „Fast as we go far, „Tu ima zvuka“и сличните на нив, ќе има и панк во Нови Сад. А гореспоменативе само што почнаа и допрва ќе блеснат. Ги споменавме само најмладите, да нема забуна, има и многу други што се веќе познати итакви за кои допрва ќе се дознава.

Што понатаму, имате нов албум, турнејата е во тек, какви ви се плановите за летово? Има ли нешто посебно што како бенд не сте го оствариле и сакате да се случи?

АТЕИСТ РАП: Сега планираме новиот албум концертно да го промовирамо во текот на годината со настапи ширум поранешна Југославија. Во текот на летото ќе свириме на некои од најголемите и најзначајните фестивали на Балканот. Не смееме да ги најавиме тие настапи додека не стигне објавата од организаторите. На есен нè чека европска турнеја…

Нема многу работи што не сме ги оствариле, имаме свирено на иста бина со речиси сите бендови со кои сакавме да свириме, имаме свирено во поголемиот дел од Европа и во Британија… Секако дека предизвик и радост за нас би била некоја турнеја низ Америка или Австралија затоа што никогаш не сме свиреле надвор од европско тло.

Во Скопје последен пат свиревте во 2010 година. Претходно, на скопските концерти во 2009 и 2007 ви гостуваа Суперхикс – можно ли е некое слично изненадување? И дали ќе има ретроспектива на материјалот од 90-тите?

АТЕИСТ РАП: Ако ги најавиме изненадувањата, тогаш веќе нема да бидат изненадувања. J

Суперхикс се наши големи пријатели со кои сакаме да се среќаваме во Скопје или во Нови Сад или каде било на неутрален терен. Пеце веќе ни помогна во најавата за саботниот концерт, на што сме му благодарни и нè радува што повторно ќе се видиме.

Секако дека покрај песните од новиот албум ќе ги свириме и најголемите хитови од сите периоди на бендот – na opštu radost svih prisutnih!

Напиша: Гоце Костовски

превземено од http://365.com.mk/

еве ја и моменталната панковача “МОМЦИ СЕ ВРЕЧАЈУ У ГРАД”:

Категории
ВЈУинтерВЈУПромо Бустање

ПОВРЗАНО