„100 Илјади поети за промена“ – промоција и поетско читање во МКЦ

„100 Илјади поети за промена“ – МКЦ, Скопје – промоција и поетско читање.

На 15 февруари, среда, во 20:00 часот, во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) ќе се реализира промоција на зборникот „100 Илјади поети за промена“ и поетско читање на дел од застапените поети кои учествуваа на шестото издание на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ во Македонија.

Од околу 220 автори кои се вклучија на конкурсот, во зборникот по претходна селекција се застапени 60 автори, меѓу кои Звонко Танески, Марина Мијаковска, Стефан Марковски, Михајло Свидерски, Драгана Евтимова, Исток Улчар, Моника Стојановска, Гаврило Миловановиќ, Биљана Стојановска, Стефанов Стевчо, Славица П. Диневска, Мартин Богатиноски, Славица Гаџова Свидерска, Д.А. Лори, Јовица Ивановски, Горана Митровиќ, Тихомир Јанчовски, Николина Андова Шопова, Ѓоко Здравески, Ана Голејшка, Иван Шопов, Викторија Мирческа, Андреј Ал-Асади, Мануела Златкова…

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои се дел од ова движење обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи. Преку овие читање ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Ќе се види дали може да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија; размислувања и разговори со самите себе; внатрешни промени наспроти големата слика.

Да проговориме јавно за сите оние промени кои сакаме да ги видиме, а се однесуваат како на оние материјални аспекти, така и на оние духовни аспекти, за тоа дека не сакаме да има повеќе војни, геноцид, сакаме да има толеранција, разбирање, прифаќање на различностите и всушност ширење на онаа генерална, основна порака на луѓето, т.е. повеќе љубов, повеќе разбирање и прифаќање на луѓето такви какви што се.

Ова е втор пат манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ да се реализира во Скопје, со помош на остварената соработка меѓу Младинскиот Културен Центар (МКЦ) и Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“. Бидете дел од новата традиција – повелете на поетско читање и промоција на зборникот од шестото издание на „100 Илјади поети за промена“.

Дизајн: Зоран Кардула

16487538_553525014841210_3346944381814977094_o

Категории
Промо Бустање

ПОВРЗАНО