СЕП 24 Промоција на албумот „Батанија“ на Крсте Роџевски во Менада

 

default

 

Деби албумот „Батанија“ на Крсте Роџевски, кој излезе на 1-ви септември во САД, а својата лајв-промоција ја доживеа неколку дена подоцна во култниот њујоршки клуб Joe’s Pub, е снимен во текот на јануари во  бруклинското студио Bunker. „Батанија“ го претставува Роџевски како комплетен автор, гитарист и пејач, придружен од некои од највозбудливите музичари на њујоршката џез и импро сцена: Мери Халвoрсон (електрична гитара), Кирк Кнафке (труба), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани). Албумот, издаден за Much Prefer Records на компакт-диск и винил, содржи десет авторски композиции отпеани на македонски јазик:

01. Батанија (4:13)
02. Кадифе (3:47)
03. Санта Тереза (3:42)
04. Мадона (5:27)
05. Креденец (4:37)
06. Ни ќар ни зијан (5:13)
07. Битола (4:37)
08. Крк Кардаш (3:05)
09. Дијазепам (4:08)
10. Тезга (4:04)

 

 

Уште од самиот почеток, насловната „Батанија“ го вовлекува слушателот во уникатниот и повеќеслоен музички свет на Крсте Роџевски. Роден и израснат во Битола, тој од 1998 година живее и работи во Њујорк, совршена почва за ткаење на неговото извонредно нежно и суптилно творештво олицетворено низ блескавиот вокал и акустичната гитара. „Батанија“ претставува длабоко лична приказна. Станува збор за колаж од сеќавања, анегдоти, хумор, соништа и преданија, раскажани некогаш во еден здив, некогаш фрагментирано, како фотографии расфрлени по подот. Стиховите изобилуваат со македонски архаични изрази, локални дијалекти и игри на зборови, а се бават со смртта, копнеењето и паганството како и со тоа колку стравот, вината и естетиката се пренесуваат од колено на колено.

За композициите на „Батанија“ Роџевски вели: „Инспирацијата ја црпев од различни извори: гитарата на Џон Феи, емоциите на Алберт Ајлер, воздржаноста на Хаино Кеиџи, продукцијата на Џим О‘Рурк, леснотијата на Паулињо да Виола, аранжманите на Ван Дајк Паркс, како и византиската меланхолија, бразилската боса-нова, раскажувањето на Гомбровиц, македонскиот блуз…“

 

 

Соработката со Халворсон, Кнафке, Бланко и Фуџивара на ова негово деби остварување несомнено резултира со оригинален њујоршки звук, единствена комбинација на кириличното писмо и нијансираната авангардна џез естетика. Во исто време приемчив ама и софистициран, носталгичен ама и современ, македонски ама и светски, албумот „Батанија“ на Крсте Роџевски претставува исклучително значајно музичко четиво, можеби најубавото во нашата историја.

 

 

 

                 Веста за промоцијата е превземена од фанпејџот на Menada Клуб

Категории
Промо Бустање

ПОВРЗАНО